Регулирање на фискалната транспарентност

 

Постојат низа правила, норми и стандарди преку кои се регулира и се осигурува транспарентното работење на јавниот сектор. Дел од нив се пресликани во националните правни рамки и претставуваат обврски за работењето на јавните институции, а пак дел претставуваат општоприфатени правила на кои државите не се обврзуваат, а ги користат во своето работење како општоприфатени добри практики.

Ваквите правила, норми и стандарди ја гарантираат отчетноста и одговорноста на назначените претставници на јавните институции за активностите што ги преземаат и одлуките што ги донесуваат, осигурувајќи се дека тие не се одраз на нивните лични интереси.

Сите информации, податоци и документи со кои располагаат јавните институции, а што се создадени од нив и се однесуваат на нивното работење, треба да ѝ бидат достапни на јавноста, во разумно време, во форма и на начин што ќе биде разбирлив и едноставен за корисниците.

Националните законски рамки треба јасно да ги дефинираат обврските на јавните институции и да овозможат информациите во секое време да ѝ бидат достапни на пошироката јавност и да ѝ овозможат нејзино вклучување во процесот на донесување на одлуки. Секое воопштување на обврските или пак делумно регулирање на јавите институции им дозволува да ја избегнат транспарентноста како најважен принцип на работењето, односно на имателите на информации да им дозволи самостојно да го утврдат обемот и видот на информации што ќе го споделуваат со јавноста.  

fiskalnatransparentnost.org.mk ви овозможува пристап до позначајните документи  преку кои се воспоставени правилата на транспарентно и отчетно фискално/буџетско работење на институциите од јавниот сектор во Република Македонија. Сите документи се во форма на консолидиран текст, односно ги содржат сите претходно донесени измени и дополнувања. За полесен пристап до важечките норми и правила, прикажани се и извадоци од законите и прописите од оваа област.

Во овој дел даваме и детален приказ на позначајните меѓународни договори, стандарди и иницијативи што се однесуваат на фискалната транспарентност и отчетност, доброто управување со јавните ресурси и правото на пристап до информации.